Почитувани колеги и пријатели,

Ни претставува особена чест и задоволство да ве поканиме на Вториот Меѓународен Конгрес по орална хирургија и имплантологија и 14 Симпозиум  на европската асоцијација за дентална имплантологија кои ќе се одржат  од 28 до 30 мај во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје, во организација на МСД- Здружение на специјалисти по орална хирургија(ЗСОХ), СДАМ-Албанското имплантолошко здружение од Македонија (АИАМ) и Европската Асоцијација за дентална имплантологија (BDIZ EDI).

Длабоко веруваме дека овој, досега најголем собир на оралните хирурзи и имплантолози во Македонија, со најавено учеството на врвни европски имиња на едно место, ќе има голема важност за целиот регион. Уверени сме дека Edimplant 2020 ќе биде место за учење и споделување на истражувања претставени од предавачи со огромно искуство. Вашето присуство на конгресот ќе значи размена на искуства и знаење, откривање нови сознанија и практични вештини кои произлегуваат од интензивниот напредок на светската имплантологија.

За таа цел, во програмата се предвидени пленарни предавања, усни и постер презентации, како и работилници, креирани според интересот и сугестиите на анкетираните колеги специјалисти.

Самиот наслов на Конгресот „Каде што уметноста и технологијата  чинат совршенство”, укажува на комплексната природа на денталните импланти и  нивната биолошка, естетска и функционална  важност.

Искрено се надеваме дека некоја од најавените теми на конгресот: Орална хирургија, патологија и радиологија, Имплантологија и регенеративна хирургија, Протетика над импланти, Периорална естетика и oпшти теми, ќе го привлече вашето внимание.

Ве повикуваме со вашето присуство и активно учество на Конгресот да придонесете за збогатување на програмата и за успешна реализација на предвидените активности.

Покрај научната, предвидена е и богата социјална програма и можност со вашите колеги и пријатели да ја почувствувате топлината и гостопримливоста на Скопје.

Скопје е најубаво во мај. Ве очекуваме!

Гордана Апостолова
Претседател на “МСД” – Здружение на специјалисти по орална хирургија

Фисник Касапи
Претседател на “СДАМ” – Албанското имплантолошко здружение од Македонија – “АИАМ“

EDI of Macedonia
BDIZ EDI